Хидроелектраните на ЕСМ со нова опрема: Инвестиција од 46 милиони евра, за поголемо производство и добивка од 5 милиони евра годишно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

АД ЕСМ започнува капитален проект вреден околу 46 милиони евра за модернизација на шест хидроелектрани, со кој се очекува зголемување на домашното производство на електрична енергија и дополнителни приходи за компанијата.

Проектот „Ревитализација на хидроелектраните – трета фаза“ опфаќа модернизација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица, кои се дел од ХЕС „Маврово“, ХЕС „Црн Дрим“ и ХЕЦ „Тиквеш“.

Вредноста на инвестицијата е околу 46 милиони евра. Од нив, 35 милиони евра се обезбедени преку заем од германската развојна банка КфВ, додека 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Со проектот е предвидена замена на застарената опрема, со што треба да се намалат прекините во работата, да се продолжи работниот век на постројките и да се зголеми нивната оперативна безбедност.

Според најавите од ЕСМ, модернизацијата ќе овозможи зголемување на инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати и ново годишно производство од околу 50 гигават-часови електрична енергија.

„Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи“, изјави претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Почетокот на проектот беше означен со отворање на изложбата „Моќта на водата ја претвораме во енергија“ во Музејот на Град Скопје, со фотографии, експонати и видеоматеријали од архивата на ЕСМ. На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

Европската Унија и Германија се меѓу партнерите кои финансиски го поддржуваат проектот. Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, посочи дека Унијата придонесува за ревитализацијата на шесте хидроелектрани преку грант, додека германската амбасадорка Петра Дрекслер ја истакна поддршката преку КфВ за модернизација на енергетската инфраструктура.

Проектот се реализира во рамки на Енергетскиот пакет за поддршка на ЕУ за Западен Балкан, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, која комбинира грантови и заеми за развој и модернизација на стратешката инфраструктура во регионот.