Филипче: Македонија мора да се врати на вистинскиот пат, Манасиевски: Без гаранции од ЕУ нема уставни измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Македонија треба повторно да се врати на европскиот пат и оцени дека актуелната власт ја држи државата во изолација. Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече дека граѓаните очекуваат напредок кон Европската Унија и повика на пошироко политичко обединување преку, како што рече, Фронтот за слобода и правда.

„Македонија повторно ќе биде на исправниот пат кон Европа, ќе биде демократска и слободна држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина“, изјави Филипче.

Тој додаде дека соработката со коалициските партнери продолжува и ги повика сите политички субјекти кои ја поддржуваат европската перспектива на земјата да се приклучат кон иницијативата.

„Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта. Оваа власт очигледно не сака. Ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот, со цел да не се направи чекорот, кој што не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени“, рече Филипче.

Од друга страна, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, порача дека Македонија нема да спроведе уставни измени без јасни и писмени гаранции од Европската Унија.

„Овој пат уставни измени без цврсти гаранции во форма на заклучоци од Европската Унија нема да има. Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат излажани“, изјави Манасиевски.

Тој нагласи дека Владата останува на ставот дека нема да прифаќа нови отстапки без сигурност дека тие ќе придонесат за напредок во евроинтегративниот процес и повика на исполнување на обврските од страна на европските партнери.

„Уцени и диктати како што биле прифаќани до сега, со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да има. Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат излажани. Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес“ истакна Манасиевски.

Различните ставови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу евроинтеграциите и можните уставни измени остануваат едно од клучните политички прашања во земјата.