Филипче: Мерките даваат ефект – „Македонија – лидер во регионот по бројот на вакцинирани“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија е лидер во регионот по бројот на вакцинирани граѓани со најмалку една доза против Ковид 19 во последниот еден и пол месец, велат од МЗ. Од таму велат дека според последните податоци, од 5 јули до 24 август бројот на вакцинирани со барем една доза на 100 жители е зголемен за 14% што претставува највисок пораст во споредба со државите од регионот. Ова според МЗ укажува на зголемен интерес за вакцинација.

„Во истиот период, веднаш по Северна Македонија се наоѓаат Косово, со 10,64 отсто, Албанија и Грција со 8,61 отсто и Црна Гора со 8,04 отсто зголемен процент на вакцинирани граѓани со барем една доза од вакцината“, велат од МЗ.

Министерот за здравство Филипче изјави дека зголемениот интерес за вакцинација е резултат на мерките што ги донесе Владата.

И со над 1000 заразени на дневно ниво и со интензитетот на вакцинацијата, микробиологот Никола Пановски смета дека не е достигнат пикот на четвртиот бран. Професорот оценува дека врвот на овој бран ќе следи со заладувањето на времето кога и собирањата на затворено ќе бидат почести.

Извештајот од последните три недели покажува дека само 17% од вакцинираните добиле позитивен резултат. Инаку во нашата земја, две дози примиле околу 520 илјади граѓани. Според пресметките на министерот Филипче, за два месеца ќе се имунизираат околу 70% од населението.