Филипче: Минималната плата да биде 27.700, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го гласаат законот за поголема плата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минималната плата да се зголеми на 27.700 денари, предлагаат од опозициската СДСМ, за што, како што најави претседателот на партијата Венко Филипче до Собранието ќе достават предлог закон. Тој вели дека со зголемувањето на цените на основните трошоци за живот, особено со погрешните економски политики на власта, вредноста на просечната плата е намалена за околу илјада денари. Филипче го повика владејачкото мнозинство да го поддржи законот.

-Денес во услови на голема економска несигурност како одговорна опозиција предлагаме измени и дополнувања на законот за минимална плата. Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12.3 проценти. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците туку ќе влијаеме и на порастот на просечната плата, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да ги поддржат законските измени. Пратеникот Бојан Стојановски од оваа партија вели дека СДСМ не знае математика бидејќи со зголемување од над 12 проценти не се добиваат 27.700 денари, како што тие тврдат.

-ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да поддржи едно вакво решение поради неколку причини. Прво заради тоа што господинот Филипче и неговата партија сами го имаа предложено постојното законско решение кое што изричито укажува дека усогласувањето на минималната плата е во март. Бројката на покачување на минималната плата барем како што кажа лидерот на СДСМ е 12,3 проценти, таков е нивниот предлог. Сегашната минимална плата изнесува 22.567 денари и ако додадете 12 проценти ново покачување платата би била 25.342 денари а никаков 27.700, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот синдикалец Слободан Трендафилов со коментар за предлогот на СДСМ, вели дека кога биле на власт не прифатиле зголемување на минималната плата.

-За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра туку 450 евра?Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно! Борбата продолжува! – вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Потрошувачката кошничка за септември годинава достигна 61.306 денари, а цените на основните прехранбени производи постојано растат.