Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил истакна дека утре до граѓанскиот суд ќе поднесе тужба против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
Тужбата, како што посочува министерот, е за навреда и клевета, како и нарушување на честа и угледот.
„Со очајни и срамни лаги ВМРО-ДПМНЕ продоложува да ме клевети, но уште пострашно намерно да го поткопува процесот за набавка на вакцини. Лажни и неточни се информациите за сумата која наводно била платена за вакцини, а документите кои се пласираат по нивните портали целосен фалсификат. Институциите си започнаа постапки со кои ќе се доккаже дека немално ништо спорно, ниту е направена било каква финансиска штета. Но, она што ќе остане е штетата која ја напрви ВМРО-ДПМНЕ во овој процес и сите блокади и деструкции од почеток на пандемијата“, посочува Филипче.
Тој додава дека сепак, веќе нема да молчи.
„Утре до граѓанскиот суд ќе поднесам тужба за навреда и клевета и нарушување на мојата чест и углед против Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој денес на прес конференција изнесе низа лаги во однос на цените и набавката на вакцините. Уште еднаш сакам да порачам, престанете безочно да ги лажете граѓаните со фалсификати и измислици! Тоа не ви носи политички поени а сериозно може да ја искомпромитира набавката на вакцините“, порачува Филипче.
Претходно, пратеникот Лефков на прес конференција обвини дека на фантом фирмата „Стабри Интернешенал“ според нивните документи и биле префрлени 12.5 милиона долари за 200.000 вакцини, односно премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче на оваа фирма и платиле 100% повисока цена од највисоката цена за која се продавани кинеските вакцини.
