Филипче најавува кризна година и задолжувања, Мицкоски вели враќаат долгови од претходната влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе биде многу сериозна криза во земјава идната година, оваа беше тешка, но 2026 ќе биде уште потешка година, предупреди претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче на брифинг со новинарите. И покрај задолженоста, тој рече дека Владата планира нови задолжувања, ќе има пораст на цените, а стагнирање на платите, што ќе придонесе граѓаните да живеат уште посиромашно.

„Мислам дека ќе има многу кризна година, ќе следи година во која што ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра и тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци нема да бидат за капитални инвестиции. Инфлацијата тешко ќе се контролира, со поскапувањето на струјата се ќе поскапи“, изјави Филипче.

Опозицијата создава страв и немир кај граѓаните во отсуство на план и идеи, одговори премиерот Христијан Мицкоски. Тој потврди дека ќе има задолжувања но дека тие ќе се користат за враќање на еврообврзниците земени од претходната влада.

„Точно е тоа бидејќи јас веќе кажав треба државата да врати сосе буџетскиот дефицит некаде над две милијарди евра, отприлика 2,2 милијарди евра. Каква е структурата, 700 милиони евра е еврообврзница која што Владата на СДСМ и ДУИ ја има земено во 2022 година на 4 години со каматна стапка од 7 и половина проценти. И доспеваат други заеми кои што Владата на СДСМ и ДУИ ги има исто така подигнато во минатото, со други зборови над 2 милијарди евра треба да се вратат.“, кажа Мицкоски.

Мицкоски рече и дека еврообврзници кои ќе треба да се вратат ќе има и тоа во 2027 година во висина од 500 милиони евра, но и во 2028 година од 700 милиони евра.