Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека граѓаните мора да се свесни дека не треба да се собираат и да се групираат.
Тој вели дека во целата борба, еден сегмент е здравствениот систем, другиот сегмент се инспекторатите, но третиот дел е свеста и совеста на граѓаните.
Одговарајќи на новинарски прашања пред поликлиниката Букурешт, Филипче рече дека не можат да ги ограничат собирите по домовите бидејќи тоа е противуставно и затоа во овој случај многу е важна свеста на граѓаните.
„Интервенираме со забрани таму каде законот ни дозволува, а со препораки, онаму каде законот не ни дозволува. Ние пробавме со закон да ги забраниме и домашните собири и слави, но излезе дека тоа е противуставно. Затоа почитувајќи го интегритетот на домот согласно Уставот и неможејќи да ги забраниме тие собири, огромен дел од оваа борба припаѓа на одговорноста, свеста и совеста на граѓаните. Мора да се свесни дека оваа криза мора да се надмине, дека не треба да се собираат и да се групираат“, истакна Филипче.
Новите мерки со кои би се ограничило работењето на угостителските објекти до 18 часот, според Филипче, се доволни во предновогодишниот и новогодишниот период. Сегашните мерки, како што посочи, даваат резултат, а доказ за тоа е стабилизирањето на бројот на новодијагностицирани и падот на факторот на преносливост на 0,95.
„Што значи дека овие мерки даваат резултат, но сепак стравуваме заради новогодишната атмосфера и можноста да се групираат луѓето, а угостителските објекти се места каде тоа се прави, епидемиолошката ситуација да може се влоши. Сметаме дека ова е сосем доволно затоа што и сегашните мерки даваат резултат. Иако даваат резултати, сепак ситуацијата е сеуште критична, се уште има голема бројка на пациенти и не смееме да дозволиме никакво опуштање. Даваме дополнителна реструкција која сметаме дека сега е сосем доволна“, нагласи Филипче.
Во однос на епидемилошката состојба, Филипче информира дека се стабилизира бројот на новодијагностицирани и оти во изминатиот период има прилично еднаков број на слободни болнички кревети.
