Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.
СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач „MVR-SC“. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат: https://safecountry.mvr.gov.mk…
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
Ваквите случаи не се новост. ТВ21 и во изминатиот период редовно известуваше за случаите за лажни пораки за казни од „Сејф сити“ , меѓу кои и оние кои беа забележани во месец јули, во мај и во јануари годинава, како и на слични фишинг измами кои преку лажни пораки и линкови се обидуваат да ги злоупотребат личните и банкарските податоци на граѓаните.
Од МВР повторно апелираат до граѓаните да не отвораат линкови од непознати или сомнителни пораки и, пред да направат каква било уплата или да внесат лични податоци, да проверат дали пораката навистина потекнува од официјална институција.
