Венко Филипче кој застанува зад кормилото на СДСМ ќе има многу тешка задача, не само што ќе се соочи со сомневањето на членството за неговиот избор кој помина со директна поддршка од екс претседателот Зоран Заев но и со тоа дека тој би бил само негов извршител. Ваквата положба секако ќе му биде особен товар во обидот да го консолидира членството кое е крајно разединето. Филипче во неговото обраќање по вчерашниот изборниот ден рече дека неговата цел е да ги зајакне принципите на заедништво, другарството, взаемната почит и отворената комуникација меѓу членството во партијата.
„Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам, ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротивставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизвиците кои следат“, вели Венко Филипче.
Јован Деспотовски и Александар Бајдевски противкандидатите во изборната трка за шеф на партијата повторно обвинија дека на голем број членови на СДСМ не им се овозможило да гласаат. Деспотовски најави дека ќе поднесе приговори.
„Зошто на тие 10.000 луѓе односно 11.000 веројатно веќе не им беше овозможено да гласаат или да се појават воопшто на гласање а беа регистрирани и покажаа иницијатива во последните 20 дена тоа да го направат. И второто прашање е што се случи со оние луѓе кои што ги вративме од гласање? Членови на СДСМ кои што се појавија на избирачките места и не можеа да гласаат. Тие не се малку“, вели Јован Деспотовски.
„Требаше да се затворат и некои дилеми околу одредени работи што се случуваа во однос на изборите, во однос на списоците на нашето членство и сметам исто така дека тоа можеби придонесе за еден ваков мал одзив на овие избори“, вели Александар Бајдевски.
Славјанка Петровска која изборната трка ја прекина ден пред да се случат изборите со тоа што ја повлече кандидатурата преку соопштение оцени дека изборите биле спротивни на принципите на социјалдемократијата и дека новиот претседател е избран само со 11 проценти од вкупниот број членови. На својот фејсбук профил кусо искоментира
„Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“, порача Славјанка Петровска.
Од ВМРО-ДПМНЕ изборот на Филипче го оценија како – И по Заев – Заев. Сепак претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски беше воздржан, рече дека тоа е внатрешна работа и само му посака успешна работа.
„На господинот Филипче му посакувам успешна работа, да бидат конструктивна опозиција, да работат во интерес на граѓаните и татковината. Јас и во моето експозе во парламентот кажав дека секогаш кога станува збор за интересите на Македонија и на македонските граѓани подавам рака. Така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нам не ни преостанува ништо друго освен таа одлука да ја почитуваме бидејќи немаме право и не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на другите политички партии“, вели Христијан Мицкоски.
Филипче на изборите за претседател на СДСМ освои нешто над 9.052 гласа од вкупно излезените 12.600 гласачи. Вкупно број на запишани гласачи беше 23.000 членови на СДСМ.
