СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само техничко тело, туку институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.
Според Филипче, Техничка влада може да се укине само тогаш кога ние би биле зрело општество, а како што вели, ние тоа во овој момент не сме.
„Нема средба за Техничката влада и таа мора да остане. Затоа што таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните во изборниот процес. Јасно е дека Мицкоски е во тесно, му се брза, се бара алиби за распишување на избори, не му треба дијалог, туку покритие.“, изјави Филипче.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се огласија со писмена реакција, во која велат дека Венко Филипче не одбива само лидерска средба, туку одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси.
„Иако, СДС и Филипче, од уста не ја вадат европската интеграција на Македонија, денес уште еднаш покажаа дека нив тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика. Затоа што тема на лидерската средба, на која Филипче одбива да биде дел, ќе се разговара за реформските закони кои се дел од реформската агенда за ЕУ која има за цел унапредување на економскиот раст и стабилноста на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека тие можат сами во Собранието да изгласаат укинување на техничка Влада, но сепак сакаат процесот да биде сеопфатен, односно да има дијалог со сите парламентарни партии.
Откако премиерот Мицкоски најави дека ќе испрати покани за лидерска средба, се огласија од коалицијата ВЛЕН од каде потенцираа дека ја поддржуваат идејата. Од ДУИ за ТВ21 кусо изјавија дека не добиле покана уште, туку само слушнале од медиумите за таква иницијатива, додавајќи дека кога ќе ја добијат поканата ќе го кажат својот став. Инаку, планот на Мицкоски е евентуалната лидерска средба да се одржи следната недела, пред неговото патување на Светскиот економски форум во Давос.
