Претседателот на СДСМ Венко Филипче повторно повика на затворена собраниска седница да се расправа за плановите и чекорите на Владата за евроинтегратините процеси. Не очекува дека позициите на премиерот Мицкоски за уставни измени со одложено дејство ќе најде поддршка во Европската унија и поради тоа смета дека тој има должност пред пратениците да објасни што ќе преземе. Филипче вели дека во однос на евроинтегративните процеси, владее несогласување меѓу партнерите во власта.
„Неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најнови изјави дека наводно има некаква поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека воопшто во Европската унија, во ниту една држава нема расположение за некаква таква работа. Така што сметам дека тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во Владата кои што оставаат впечаток дека таму владее една целосна бесперспективност мора да се расчистат во Собранието“, вели Венко Филипче.
Министерот Муртезани вчера потврди дека тие како коалиција ВРЕДИ се во Владата со барање во рок од 6 месеци да има конкретно решение за решавање на проблемот со уставните измени, но дека ќе чекаат да истече овој период па потоа ќе излезат со став за нивните натамошни чекори. Oд друга страна пак се најавува дека Владата ќе испрати писмо до институциите во Брисел за деблокирање на процесот, за Македонија да ги продолжи евроинтеграциите. Но дали Владата ќе преземе обврска до Собранието да испрати информација околу ваквите најави, новоименуваната владина портпаролка Марија Митева вели дека јавноста ќе биде информирана.
„Секако дека кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана, не станува збор за нешто за кое што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови. Така што, да, се согласувам дека за истото кога ќе се создадат услови ќе биде информирана јавноста“, вели Марија Митева.
Инаку, од страна на пратеничката група на СДСМ засега се уште не е поднесено барањето за одржување собраниска седница. Филипче вели дека ќе почекаат да видат какви ќе бидат одговорите од премиерот и од Владата, па потоа ќе ги преземат сите механизми за свикување на седница во Собранието.
