Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитка до Румен Радев по изборот за премиер на Република Бугарија, изразувајќи надеж за конструктивен и разумен пристап во односите со Северна Македонија.
Во објавата, Филипче посочува дека целта треба да биде градење добрососедски односи во интерес на граѓаните на двете држави, при што мора да се почитуваат македонскиот национален идентитет, јазик и култура.
Тој нагласува дека Македонија останува цврсто определена за европската иднина и дека единствениот пат напред се европските интеграции.
Филипче во својата порака упати и критика до политичките противници, наведувајќи дека постои политичка структура која, според него, свесно го кочи европскиот процес и создава тензии со соседите заради политички интереси.
Тој додава дека решението е во конструктивен дијалог, почитување на европските принципи и заштита на националниот идентитет, со цел надминување на отворените прашања и забрзување на евроинтеграциите.
„Добрососедските односи се најголем приоритет за заеднички соживот во европското семејство“, порачува Филипче, додавајќи дека е потребна заедничка работа за подобра иднина и повисок животен стандард за граѓаните.
