Филипче: Ветуваа дека ќе го поништат Преспанскиот договор, а тој го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче бара извинување од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ до граѓаните на Македонија поради тоа што изјавил дека „Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата“, а во кампања, како што вели Филипче, Мицкоски ветувал дека ќе го врати старото име и дека нема никогаш да изговорат „Северна Македонија“.

„Денес сведочиме за најголемата политичка хипокризија и лицемерие во последните години.

ВМРО ги доби изборите со лажна теза дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и сите ние сме предавници на македонскиот идентитет. Дека Преспанскиот договор е предавство. Дека ќе го поништат договорот.

Дека ќе го вратат старото име и дека никогаш нема да кажат „Северна Македонија“. Гордана Силјановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори „Северна Македонија“. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа.

И што се случи сега? Претседателката Гордана Силјановска-Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет.

Христијан Мицкоски јавно изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата.

Министерот Тимчо Муцунски изјави дека НАТО е феноменална работа, дека дава безбедност и поволна клима за инвестиции. Да ги потсетиме што точно успеавме со Преспанскиот договор. Се гарантира македонскиот јазик како официјален јазик на Република Северна Македонија и во целиот свет. Се заштитува македонскиот национален идентитет, културата и историјата како посебни и различни од другите. На секоја лична карта, пасош и официјален документ стои „македонско“. Секој граѓанин слободно зборува македонски јазик, кој е признат од секоја земја-членка на Европската Унија.“, рече Филипче.