Филипче: Власта создава поделби и лажни наративи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче, упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека неговите политики не се насочени кон европска интеграција и вистински реформи, туку кон, како што рече, контрола врз институциите и избегнување одговорност.

Во одговор на новинарско прашање, Филипче изјави дека Мицкоски не сака земјата да се движи напред кон Европската Унија и не поддржува спроведување на суштински реформи.

„Мицкоски не сака земјава да оди напред во Европа, не сака вистински реформи, сака да го контролира судството, да поставува свои, партиски судии и обвинители, да ги партизира сите институции“, рече Филипче, додавајќи дека според него, премиерот не поддржува присуство на европски институции во правосудниот систем.

Тој оцени дека зад ваквите политики стои обид за избегнување одговорност.

„Не сака тука да доаѓа Европско обвинителство, затоа што така треба да одговарат прво луѓето околу него, а потоа и тој самиот“, додаде Филипче.

Лидерот на СДСМ го обвини Мицкоски и дека креира политички конфликти и „лажни наративи“ со цел да го одвлече вниманието од реалните проблеми.

Според него, тоа се прави преку создавање поделби во општеството и преку, како што рече, пропаганден пристап во политичкото делување.

„Зошто креира вештачки непријатели – Грците, Бугарите? Тоа е начинот на којшто владее, со пропаганда и лажни вести“, изјави Филипче, обвинувајќи дека целта е одржување на контрола и влијание.

Тој оцени и дека актуелната влада нема капацитет за сериозно управување со државата и дека, како што рече, граѓаните тоа веќе го чувствуваат.

„Оваа власт не може да води сериозна држава. Единствено што ги интересира се личните интереси“, истакна Филипче, додавајќи дека, според него, европскиот пат на државата е во застој поради политиките на власта.