Црна Гора денеска затвори уште две поглавја во преговорите за членство во Европската Унија. Станува збор за поглавјата што се однесуваат на слободното движење на стоки и на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
„Секоја реформа бара голема посветеност, а резултатите се тука. Нашиот фокус останува непроменет – владеење на правото, силни институции и подобар животен стандард за граѓаните. Ќе продолжиме напорно да работиме во наредните недели за да ги затвориме сите поглавја до крајот на годината, со цел договорот за пристапување да биде потпишан во јуни и да ја оствариме историската цел – полноправно членство на Црна Гора во ЕУ во 2028 година“, изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.
„Остануваме на ставот дека е можно да се затворат сите поглавја за време на ирското претседателство, односно до крајот на оваа година. Разговарав со хрватските претставници на владата и јасно е дека сè уште има неколку отворени прашања“, изјави ирскиот министер за Европа, Томас Бирн.
Во врска со односите со Хрватска, Спајиќ изјави дека ќе направи сè за сите отворени прашања да бидат решени на европски начин.
