Власта и опозицијата во вербална битка за животниот стандард на граѓаните и за прашањето дали подобро се живее сега или пред две години. Лидерот на СДСМ Венко Филипче, обвини дека за две години наместо подобар живот, власта донела поголема сиромаштија. Кажа дека нивната анализа покажала дека после две години од мандатот на оваа влада 90% од ветувањата дадени пред две години не се исполнети. Рече дека најголемиот неуспех е токму во економијата и животниот стандард, кои беа клучни ветувања пред изборите.
„Се топат платите, растот на цените е огромен, а ние имаме најнизок стандард во регионот, работниците имаат најниски плати во регионот и едноставно сме најсиромашни. Инфлацијата од 4,8% е скоро двојно поголема од тоа што го предвидуваа во нивната предизборна платформа. Храната е скапа, на годишно ниво поскапувањето е околу 10%. Превисоките цени никогаш нема да се вратат назад затоа што Владата не презеде никакви мерки, а за тоа ние навремено предупредувавме“, вели Венко Филипче.
Според Филипче наместо повисоки плати и подобри услови за живот, граѓаните се соочуваат со растечка сиромаштија, високи цени и намалени инвестиции. Кажа дека Македонија има најнизок животен стандард во регионот додека цените на храната продолжуваат да расат.
Од друга страна пак, власта тврди дека економските политики даваат резултати и дека приходите на вработените растат. Според нив, официјалните податоци потврдуваат дека платите во Македонија бележат значителен раст.
„Во март 2024 година просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, додека во март 2026 година достигнала 48.433 денари. Тоа значи дека за две години просечната нето-плата е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6 проценти.Во истиот период, растот на цените изнесува 7,8 проценти. Кога растот на платите ќе се коригира со растот на цените, реалното зголемување на просечната плата изнесува близу 11 проценти“, вели Бојан Стојаноски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат нивната цел останува јасна, платите да продолжат да растат побрзо од цените, да се отвораат подобро платени работни места и граѓаните да имаат повисок животен стандард.
