Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил пишува дека доцна вечерва во 23 часот медицинските тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија ја започнале експлантацијата на бубрези и срце од 44 годишна пациентка кај која попладнево била дијагностицирана мозочна смрт.
„Тројца пациенти се подготвуваат да ги примат органите. Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите ќе започне после полноќ, по што ќе следи експлантацијата на коскени ткива. Екипите за трансплантација од повеќе клиники работат веќе неколку часа на подготовка на донорот и реципиентите. Болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство ја водат целата постапка. Инаку ова е трета трансплантација од јануари и петта во изминатава година“, пишува Филипче.
Тој изрази голема благодарност кон семејството за несебичниот гест.
„Со нивната хуманост спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија“, додава министерот.
