Почина Нури Бајрами – поранешен заменик-претседател на ДКСК и истакнат правник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската јавност остана без уште едно познато име од правната и институционалната сфера. На 66-годишна возраст почина Нури Бајрами – истакнат правник, долгогодишен новинар и поранешен заменик-претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Бајрами беше дел од раководството на Антикорупциската комисија во периодот од 2019 до февруари 2024 година, каде имаше значајна улога во постапувањето по случаи на висока корупција и во јакнењето на интегритетот на институцијата. Неговата работа беше препознатлива по професионалниот пристап и посветеноста кон владеењето на правото.

Во текот на својата богата кариера остави белег и во медиумската сфера, каде речиси една деценија беше главен уредник на ТВ2. Работеше и на повеќе значајни позиции во Генералниот секретаријат на Владата, како и во Министерството за правда.

Веста за неговата смрт ја соопшти неговото најблиско семејство. Колегите, соработниците и пријателите се простуваат од човек кој целиот свој професионален ангажман го посвети на унапредување на транспарентноста, законитоста и одговорното функционирање на институциите.