Филков: Оптимизацијата на судската мрежа – клучна за поефикасно правосудство и поголема правна сигурност

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Министерот за правда, Игор Филков на денешната стручна расправа за измените и дополнувањата на Законот за судовите, нагласи дека реформите во правосудството мора да бидат суштински, добро анализирани и креирани преку широк и инклузивен дијалог.

„Реформите во правосудството не смеат да бидат само формални и декларативни. Тие мора да донесат реални подобрувања во функционирањето на судскиот систем и поквалитетна правда за граѓаните“, истакна Филков.


Посебен акцент беше ставен на оптимизацијата на судската мрежа, која се предлага со законските измени. Предложените решенија предвидуваат дел од судовите да се трансформираат во судски одделенија, со цел поефикасно искористување на човечките и материјалните ресурси, подобра распределба на предметите и поефикасно управување со судските постапки.


Филков потенцираше дека овие промени нема да значат намалување на пристапот до правда за граѓаните, туку напротив – обезбедување побрза, поефикасна и поквалитетна судска заштита. Судските одделенија ќе продолжат да функционираат локално, а организациското поврзување со поголемите судови ќе овозможи подобра координација и воедначување на судската пракса.


Со реформите се предлагаат и мерки за подобрување на работата на апелационите судови, за поефикасно постапување по жалби и намалување на заостанатите предмети. Филков истакна дека сите предложени решенија се темелат на сериозни анализи, податоци и проценки на реалните потреби на судовите и граѓаните, но упати и порака дека успешноста на реформите ќе зависи не само од измените, туку и од нивната доследна и одговорна примена во пракса.