Петте кандидати за републички јавен обвинител се во исчекување постапката за изборот наскоро да заврши откако Владата на вчерашната седница донесе заклучок кандидатурите да ги достави до Советот на јавни обвинители. Тие имаат рок од 15 дена да и одговорат на Владата односно да испрати мислења за кандидатурите, а од оние кои ќе добијат позитивно мислење потоа Владата треба да одлучи кој кандидат ќе го достави како финален предлог. Премиерот Мицкоски вели дека од новиот државен јавен обвинител очекува да ги отвори сите предмети што се започнати во Обвинителството и да биде заштитник на правото.
„Прво што треба да направи е сите оние документи и случаи кои што се држеа во фиока да ги извади и да ги истражи. Таму каде што нема дело и докази да ги затвори, таму каде што има дело и докази да оформи случаи и да ги предаде до судот па потоа судот треба да одлучува дали ќе отпочне или нема да отпочне судска постапка. Очекувам да биде заштитник на правото, да биде генератор на правда и правдина“, изјави Мицкоски.
Претседателот на Советот на Јавни обвинители Башким Бесими во изјава за ТВ21 вели дека се уште го нема добиено заклучокот со кандидатурите, но откако ќе го добие веднаш ќе биде закажана седница за да постапуваат.
„Не го добивме уште, јас вчера слушав вести дека Владата го поминала, сигурно за два-три дена ќе дојде. Кога ќе го добијам ќе го видам предлогот на сите членови и е закажам седница. Рокот е до 15 дена но нема да чекам последен рок од денот на добивање на добивање на предлогот од Влада“, вели Бесими.
Во трка за наследник на Коцевски се три обвинителки, еден активен и еден поранешен судија, односно актуелната вд државна обвинителка Анита Топалова Исајловска, обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, потоа судијата од Кривичен Ненад Савевски и разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски.
