Финансиска полиција со кривична против претседателот на РКЕ – Бислимовски тврди дека постапката за „Тритерол петрол“ е законска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, под сомнение за злоупотреба на службената должност. Според соопштението, се сомничи дека го прекршил законот, бидејќи не постапил навреме за одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“, која не ги исполнувала законските услови за вршење енергетска дејност.

„Наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024, таа е одземена дури на 14.04.2025, што ѝ овозможи на компанијата да продолжи со незаконско вршење енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и склучува договори поврзани со јавни набавки“, велат од ФП.

Како последица на тоа, според Финансиската полиција, компанијата „Тритерол Петрол“ остварила промет од над 194 милиони денари и незаконска добивка од над 14 милиони денари. Но, Марко Бислимовски тврди дека во овој случај постапувале согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, постапувајќи на ист начин и во истите рокови како и за другите компании кои аплицирале за лиценци.

„Овие постапки се потврдувани од сериозен тим во РКЕ. Никогаш, буквално никогаш, немало повластена компанија или компанија за која се воделе постапки спротивни на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. На крајот на денот, во наредниот период ќе се обидам тоа да го докажам. Ќе го следам овој процес, сè што ни се случува и нема да дозволам на ниту еден начин, имајќи предвид дека сум татко, сопруг, брат и пријател, да биде извалкано моето име.“, вели Марко Бислимовски.

Компанијата „Тритерол Петрол“ е во сопственост на Лупчо Пецов – Ѓаволот. Тој се сомничи дека е еден од организаторите на криминална група за даночна евазија во случајот „Синџир“. За да му се укине притворот на Пецов за овој случај, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е фатен на дело како прима поткуп. Тој требало потоа да го подмити апелацискиот судија Ѓоко Ристов. И Стафа и Ристов сега се под истрага.