Постапување по информации од јавен интерес, проверка на истрагите и почитување на професионалната самостојност на обвинителите се дел од приоритетите што ги најавија кандидатите за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во дебатата во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Искра Хаџи Василева, Фатон Азизи и Лидија Раичевиќ ги образложија своите ставови за работата на обвинителството и чекорите што би ги презеле доколку бидат избрани на функцијата.
Кандидатката Искра Хаџи Василева порача дека обвинителството не треба да се потпира исклучиво на предметите што ги доставува Министерството за внатрешни работи, туку треба да постапува и по информации од јавноста што укажуваат на можни кривични дела.
Одговарајќи на прашањето дали предност би им дала на предметите доставени од полицијата или на постапувањето по допрен глас, таа истакна дека двата начина на работа се важни, но нивната примена зависи и од расположливите ресурси и времето потребно за постапување.
„Со Министерството за внатрешни работи добивате веќе одреден производ кој е во одредена фаза, каде што основаното сомневање како стандард е веќе исполнето. Се разбира дека ќе работиме и со МВР и по допрен глас“, изјави Хаџи Василева.
Таа нагласи дека обвинителите имаат обврска да реагираат кога постојат информации што бараат кривичноправно преиспитување, но истовремено предупреди дека не секој општествен проблем треба да се решава со кривична постапка. Според неа, во одредени случаи се потребни инспекциски контроли или системски решенија, а обвинителството треба да интервенира таму каде што постојат основи за тоа.
„Допрениот глас е нешто што нè обврзува. Ние работиме за граѓаните и треба да работиме за јавниот интерес“, посочи Хаџи Василева.
Од друга страна, кандидатот Фатон Азизи се осврна на професионалната самостојност на обвинителите и односите меѓу обвинителите и нивните претпоставени. Тој оцени дека различните правни ставови не треба да бидат пречка во работата, туку можност за аргументирана дискусија и донесување законити одлуки.
Азизи посочи дека во обвинителската практика се случуваат несогласувања околу правната квалификација на одредено дело, па дури и околу тоа дали воопшто постои кривично дело. Во такви ситуации, според него, раководителот треба да побара од обвинителот детално образложение за преземените дејствија и причините за донесениот став.
„Секој став треба да го положи тестот дали одлуката е во согласност со законот, со внатрешните упатства и со ставовите во Јавното обвинителство“, изјави Азизи.
Тој најави дека, доколку биде избран, ќе се залага за работна средина во која обвинителите ќе можат слободно да ги образложуваат и бранат своите професионални ставови, под услов нивните одлуки да бидат законски засновани.
„Ќе бидам раководител кој секој јавен обвинител ќе го поттикнува и охрабрува да го брани својот став, затоа што само храбри обвинители со интегритет ѝ се потребни на институцијата, а и генерално на општеството“, нагласи Азизи.
Конкретни приоритети за првите 100 дена од евентуалниот мандат претстави кандидатката Лидија Раичевиќ. Таа најави дека најпрво би ги проверила предметите во кои истрагите го надминале законскиот рок, доколку има такви, а потоа би ги анализирала и истрагите што се сè уште во предвидените рокови, со цел да се утврди како се спроведуваат.
Како следен чекор, Раичевиќ го посочи разговорот со обвинителите за да добие целосен увид во предметите што ги водат, вклучително и оние што сè уште не се обработени, како и причините за евентуалните застои.
„Трето, собирање на колегите кои работат таму за да ми реферираат за предмети кои ги поседуваат, а не се воопшто обработени, и кои се причините за тоа“, рече Раичевиќ.
Иако беа побарани три приоритети, таа најави и четврти чекор – итна средба со министерот за внатрешни работи и раководните структури во МВР задолжени за организиран криминал. Целта, како што објасни, би била да добие пресек на состојбите и информации за актуелните предмети.
Со своите излагања, тројцата кандидати ги посочија различните аспекти на функционирањето на обвинителството: постапувањето по информации од јавен интерес, законитоста и професионалниот интегритет во носењето одлуки, како и проверката на истрагите и подобрувањето на координацијата со полицијата.
Погледнете ја целата емисија:
