Финансиската полиција во општина Тетово – Касами ова го нарече политички притисок! ФП: Контролите се непристрасни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Финансиската полиција изврши контроли во општина Тетово, за неколку предмети на екс градоначалникот на Тетово, Сади Беџети. Новоизбраниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами ова го нарече политички притисок, бидејќи како што додава, 8 години додека на чело на општината била Те3ута Арифи, ФП никогаш не нашла време за процесирање на предметите.

„Денеска ненадејно ме посети Финансиската полиција за предмети од пред 8 години. Тие не најдоа засходно да ја контролираат работата на градоначалничката во два мандата и да ги процесираат овие случаи. Ова го оценувам како политички притисок за да ја попречат мојата работа како градоначалник. Дојдоа во секторите за правни и финансиски прашања. Денеска дојдоа, денеска беше првата средба, наводно дошле за предмети поврзани со поранешниот градоначалник Сади Беџети“, истакна Биљал Касами.

Од Управата на ФП преку писмено соопштение велат дека работат непристрасно и бараат случајот да не се политизира.

„Управата за финансиска полиција веќе неколку месеци прибира податоци и сознанија и постапува по наредба на Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Управата во своето редовно работење постапува неселективно и непристрасно, согласно своите законски надлежности и добиените насоки и наредби од ОЈО. Сѐ додека е во предистражна постапка, поради начелото на тајност, не можат да споделат повеќе релевантни информации и ве замолуваме истиот да не се злоупотребува и користи во политички цели“, велат од Финансиската полиција.

Биљал Касами пред две недели стапи на функцијата градоначалник на Тетово. Тој е и лидер на Движење Беса. Пред него, 8 години на чело на општината беше Теута Арифи од ДУИ, а пред неа, 4 години со општината раководеше Сади Беџети од ДПА.