Партиите веќе ги финишираат листите за претстојните парламентарни избори, а дел од нив и официјално ги претставија носителите на кандидатските листи. Од СДСМ велат дека многу скоро ќе бидат објавени носителите бидејќи привршува внатрепартиската постапка во партијата заедно со нивните коалициони партнери.
„При крај е внатрепартиската постапка, течат и разговорите со коалицијата и за многу скоро време ќе бидат претставени пред јавноста кандидатите и за носители и за коносители и за сите останати што ќе се најдат на листите за парламентарните избори“, вели Дарко Каевски.
ТВ21 веќе објави дека СДСМ и на овие избори ќе оди со тандем носители а претседателот на партијата Димитар Ковачевски заедно со Моника Зајкова ќе биде носител во првата изборна единица. Во двојката ќе биде Сања Лукаревска заедно со Фатмир Битиќи, во третата Оливер Спасовски, четвртата изборна единица ќе биде на тандемот Венко Филипче со Јована Тренчевска, во петката најверојатно Јован Митревски со Бисера Костадинова Стојчевска, а во шестата изборна единица, Славјанка Петровска. Познати се и носителите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера претседателот на партијата Христијан Мицкоски соопшти дека тој ќе ја води првата изборна единица, во двојката Владо Мисајловски, во третата изборна единица Драган Ковачки, во четвртата Александар Николовски, во петката се уште е неизвесно, додека во шестата изборна единица ќе биде Дафина Стојановска.
Во меѓувреме СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ деновиве постојано се критикуваат и меѓусебно се напаѓаат не само за претседателските кандидати, туку и за кандидатите за претстојните парламентарни избори. Од СДСМ велат дека носителите на листите кои ги претстави Мицкоски се всушност стари кадри кои нема да донесат ништо ново. Оттаму и критики за претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова.
„Кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска Давкова е само уште едно лице на ДПМНЕ, продолжена рака на Христијан Мицкоски. Во изминатите 4 години Силјановска делуваше како пратеник на ДПМНЕ и ги поддржуваше блокадите на македонското Собрание и европскиот пат на државата“, додаде Дарко Каевски.
И од ВМРО-ДПМНЕ со критики кон претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, обвинувајќи го дека е политичар без став во однос на менувањето на Уставот и ставот кон Бугарија.
„Стево Пендаровски тврдеше дека ставот на Бугарија за промена на Уставот е мешање во внатрешните работи на Македонија. Пендаровски не застана тука, туку тврдеше дека ставот на Бугарија – „сменете го Уставот, па дојдете да разговараме“ е преседан од невидени размери.За на крај Пендаровски да каже дека го кажува гласно неговиот став и дека не мисли дека уставните измени се нешто страшно“, вели Миле Лефков.
Инаку и во двете коалиции на албанскиот политички блок веќе се познати носителите како и кандидатите на пратеничките листи и на Европскиот фронт и на албанската опозиција ВРЕДИ, кои ТВ21 веќе ги објави.
