Финска заврши со изградбата на 200-километарската безбедносна ограда долж границата со Русија, зајакнувајќи ја најдолгата граница на НАТО со земјата обвинета за засилени хибридни напади врз Европа.
Проектот беше започнат откако целосната инвазија на Русија врз Украина го промени безбедносното опкружување на Финска и ја поттикна земјата да се откаже од повеќедецениската воена неврзаност и да се приклучи кон НАТО во април 2023 година.
Инаку, токму таа година, повеќе од 1.300 мигранти без визи пристигнаа на источната граница на Финска. Хелсинки тогаш ја обвини Москва за „хибридна војна“ и дека организирала движење на државјани од трети земји кон границата, а Кремљ ги отфрли обвинувањата. Веднаш потоа, Финска ја затвори копнената граница со Русија, а освен краткотрајното повторно отворање на два гранични премини истата година, границата оттогаш остана затворена.
Оградата висока 4,5 метри е изградена во делови и е опремена со камери и сензори, и опфаќа 200 километри од вкупно 1.340 километри долгата граница на Финска со Русија, при што најголемиот дел од оградата е концентриран на југоистокот.
Новата ограда чинеше 356 милиони евра, а годишни трошоци за одржување се проценети на 2 до 3 милиони евра, соопштија финските гранични власти.
Минатата недела, Хелсинки предложи продолжување на Законот за безбедност на границата до крајот на 2028 година. Законодавството ѝ дозволува на Финска, во исклучителни околности, да го ограничи приемот на барања за азил во ограничени области долж границата, кога ќе се процени дека нејзиниот суверенитет или националната безбедност се под закана. Законот предизвика контроверзии, при што дел од правните експерти предупредија на ризик од прекршување на меѓународните обврски на Финска во областа на човековите права и на правото на ЕУ.
Слични бариери се изградени и на други места долж источниот дел на НАТО и ЕУ, додека земјите кои граничат со Русија и Белорусија ги зајакнуваат своите граници.
