Летото 2023 година речиси изминува, додека жителите на овие топли денови не успеаја да се разладат во базенот кој почна да се гради во 2020 година и остана недовршен.
„Екипата на ТВ21 повторно е кај затворениот базен во Кичево, кој почна да се гради во 2020 година, требаше да биде готов за многу кратко време, но иако сме во 2023 година и за неколку месеци влегуваме во 2024 година овој проект не е завршен. Во мај годинава од Агенцијата за млади и спорт за ТВ21 изјавија дека за една недела работите ќе почнат, но иако поминаа два и пол месеци ништо не мрдна од продолжувањето на работите. Поставени се само страничните табли и капаци, а само бетонската база е поставена ништо друго не е поместено“, вели репортерката на ТВ21.
Затворениот базен во Кичево, прв од ваков вид, е инвестиција на Агенцијата за млади и спорт, проект вреден 43 милиони денари.
Во мај годинава кога известувавме за овој базен, побаравме став од Агенцијата за млади и спорт за да провериме зошто има застој во работите. Од таму ни рекоа дека фирмата што го има тендерот имала некои проблеми. Заменик директорот на оваа агенција Исак Љазами вети дека работите ќе почнат многу брзо, но очигледно ова ветување не се исполни.
„Фирмата која го гради затворениот базен во Кичево имаше проблем, па работите до овој момент доцнат. Ве известуваме дека сме во постојан контакт со компанијата и очекуваме во следните недели работите повторно да започнат, се очекува до крајот на годината базенот да биде готов“, истакна Исак Љазами.
Пред три години за поставување на темелите на овој проект дојде министерот за економија Крешник Бектеши, кој базенот го нарече инвестиција што му недостига на Кичево, додека заедно со градоначалникот на општината Фатмир Дехари ветија реализација дури и побрзо од поставениот временски рок. Завршувањето на базенот беше предвидено за 18 месеци.
