Фирмите со различни ставови за враќање на „солидарниот данок“ – Мицкоски: Нема одговорност за неуставниот закон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Компаниите сè уште се изјаснуваат за предлогот на Владата парите од „Солидарниот данок“ да им бидат вратени на две рати, во март 2026 и март 2027 и тоа без камата. Дел од фирмите го прфаќаат, други не го прифаќаат понуденото решение. Владата ќе треба да им врати на 156 фирми 49,2 милиони евра, а ако се пресметаат и каматите, односно ако фирмите не се откажат од нив, сумата би се зголемила за дополнителни над 10 милиони евра.

„Направивме една проекција, ликвидноста на буџетот како би можела да не биде загрозена и мислам дека ова е фер понуда која што е дадена. Има, нормално, компании кои што прифаќаат и поинакви услови, има компании кои што негодуваат. Различни се импресиите, би рекол и впечатоците“, порача Христијан Мицкоски

Мицкоски очекувал реакција од органите на прогонот за да има одговорност за политичарите од претходната влада поради нанесување штета на буџетот, а тоа и на граѓаните. Тој потсети дека ВМРО ДПМНЕ како опозиција, а и дел од јавноста предупредуваа дека Законот е противуставен.

„Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството, која што не повикува никого на одговорност. Тоа се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате, некој што ги трошел на незаконски, неуставен начин“, вели Христијан Мицкоски.

Владата одлучи средствата да се враќаат на компании на две рати и без камата, но ако не биде прифатено ова, во преговори со Министерстовото за финансии може да се договори и друг начин на враќање, но максимум на пет рати. Владата мора да ги врати овие пари откако Уставниот суд го поништи „Солидарниот закон“.