Фљорим Бесими: Вистината ќе излезе на виделина – одложено рочиштето за модуларната болница, обвинетите не дојдоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По речиси една година почна судењето за модуларната болница во Тетово, но веднаш беше откажано. Двајца обвинети, Артан Етеми и Бобан Вучевски, не се појавија на рочиштето. Присутни беа само првообвинетиот Фљорин Бесими и претставникот од Клиничката болница во Тетово. Судијата Јордан Велковски го одложи рочиштето за 14 октомври.

                                
-Сѐ што имам да кажам за трагичниот настан ќе кажам пред суд. Ве молам да го следите процесот, јас лично имам доверба во судскиот процес и верувам дека вистината ќе биде докажана, убеден сум во тоа. И медиумите треба да имаат трпение додека да почне процесот. Убеден сум дека со факти и аргументи вистината ќе биде докажана и верувам дека ќе излезе на виделина, изјави поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово, Фљорин Бесими.

За пожарот во модуларната болница во кој трагично настрадаа 14 лица, двајцата директори на болницата, раководителот на модуларната болница и Тетовската болница ќе бидат гонети кривично за кривичните дела: „тешки дела против општата безбедност“, „предизвикување на општа опасност “ и „непостапување според здравствените прописи во време на епидемија“.

Пред некое време, Обвинителството извести дека согласно вештачењето на МВР, пожарот во модуларниот центар бил предизвикан од продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Владата побара помош од германски експерти кои Извештајот го завршија во јануари годинава. Семејствата побараа што поскоро расветлување на случајот, а некои од нив пак, бараат и обесштетување за изгубените животи на нивните блиски. Пожарот во модуларната болница избувна во соба во која се лекувале ковид-пациенти. Во пожарот животот го загубија 14 луѓе, меѓу кои и роднини кои се грижеле за членовите на нивните семејства.