Реформите во трудовото законодавство и усогласувањето на образовниот систем со дигиталниот пазар се главните прашања што ги презентираше министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на Меѓународна конференција на трудот што се одржува во Женева. Таму Дурмиши го нагласи значењето на Економско-социјалниот совет како тело каде што се бара консензус за колективните договори во јавниот сектор. Според најавите, идните приоритети на ресорот економија и труд ќе бидат поврзани со спроведување активни мерки за вработување на младите, како и со зајакнување на законската заштита на правата на работниците.
„Исто така, нагласив дека имаме програма што ќе ја потпишеме со Меѓународна организација на трудот за достоинствена работа, која ќе трае од 2025 до 2030 година, со цел да ги подготвиме сите млади луѓе и сите граѓани кои сакаат да се вработат, да можат да се соочат со предизвиците на пазарот на трудот и да бидат поконкурентни. Поконкретно, станува збор за развојот што се случува во вештачката интелигенција и транзицијата кон зелената економија.“, вели Бесар Дурмиши
Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, изјави дека ваквите средби се важни, бидејќи токму на овој начин треба да се води дијалог.
„Трипартитното социјално партнерство, социјалниот дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите е исклучително важно за унапредување на работничките права, за достоинствени услови за работа и за обезбедување достоинствена плата. Највисоката средба што може да се одржи во светот се одржува токму тука, во Женева. Меѓународната конференција на трудот е место каде што се собираат владите, работодавачите и синдикатите од целиот свет за да разговараат за многу важни прашања и за работниците, и за работодавачите, и за владите.“, вели Слободан Трендафилов.
Усогласувањето на чекорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите не само што гарантира повисоки плати и стабилност за работниците, туку преку новите дигитални програми се создава модерен, безбеден и многу привлечен пазар на труд кој треба да ги задржи младите во државата.
