Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ги осуди нападите со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег, оценувајќи дека тие ги загрозуваат животите на членовите на екипажите и безбедноста во Црното Море.
„Црното Море стана уште еден фронт на ескалација на руската војна во Украина. Ова е неприфатливо. Силно ги осудувам нападите со дронови врз трговските бродови во близина на бугарскиот брег, со кои животите на членовите на екипажите се доведуваат во сериозна опасност и се загрозува безбедноста во Црното Море“, напиша Фон дер Лајен.
Таа истакна дека Европската Унија стои зад Бугарија и им се заблагодари на спасувачките екипи за брзата реакција.
Фон дер Лајен порача и дека одговорните за нападите треба да сносат одговорност.
