Обвинителството во Кочани побара притвор за Ива Михаилова поради опасност од бегство, откако таа ја напушти земјава и замина во Бугарија. Судот треба да одлучи за мерката, по што може да следува распишување меѓународна потерница преку МВР.
Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, наводно ја преминала македонско-бугарската граница без да биде евидентирана.
Се очекува да се утврди како ја напуштила земјата и дали имало пропусти или вмешаност на службени лица.
Министерот Тошкоски вели дека Михаилова нелегално ја напуштила државата и дека ќе биде распишана меѓународна потерница.
„Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денес, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ“, вели Панче Тошковски.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска го повика бугарскиот амбасадор во земјата, Желјазко Радуков, во врска со случувањата поврзани со Ива Михајлова.
На средбата му му било пренесено дека начинот на кој таа била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација и ги подрива напорите за градење доверба и развој на добрососедските односи.
„Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. На амбасадорот му беше пренесено дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската унија и Советот на Европа“, вели МНР.
Инаку, по пристигнувањето во Бугарија, Михаилова се огласи преку бугарските медиуми со тврдења дека во Македонија била репресирана и малтретирана поради нејзината бугарска самосвест. Таа изјави дека македонските власти не ѝ дозволувале да замине на соодветно лекување во Бугарија откако здравствената состојба сериозно ѝ се влошила.
