Шок и неверување на погреб во Гватемала, каде што 15-годишно девојче, за кое семејството верувало дека починало, покажало знаци на живот додека присутните се простувале од неа. Мајката забележала движење во ковчегот, по што бил отворен неговиот прозорец и девојчето ги отворило очите.
Според сведочењето на семејството, девојчето претходно изгубило свест додека било на пат кон медицински центар. Нејзиниот татко, кој е евангелистички пастор, раскажал дека во еден момент таа престанала да реагира и дека не можел да ѝ почувствува пулс.
„Видов дека веќе не дише и не можев да ѝ го почувствувам пулсот на зглобовите. Тоа беше многу тешка ситуација за мене. Таа не стигна до болницата“, изјавил таткото за локалните медиуми.
Иако смртта не била потврдена од лекар и не бил издаден официјален документ, семејството организирало погреб околу осум часа подоцна во селото Ел Хокоте.
Додека траело испраќањето, мајката Лесвија Риос забележала дека нејзината ќерка се движи во ковчегот. Таа веднаш реагирала и инсистирала дека девојчето е живо.
„Постојано повторував дека е жива и дека не е мртва“, раскажала мајката.
Кога присутните го отвориле прозорчето на ковчегот, девојчето ги отворило очите, седнало и почнало да разговара со луѓето околу неа.
Подоцна, таа раскажала дека пред да ја изгуби свеста почувствувала силна болка во пределот на срцето и чувство на тежина.
По необичниот настан, девојчето било пренесено во болница во Уеуетенанго, каде што требало да биде подложено на дополнителни медицински прегледи.
Обвинителството во Гватемала отворило истрага за да се утврдат околностите под кои бил организиран погребот без лекарска потврда за смртта.
