Фон дер Лајен: Путин ја врати војната во Европа, ЕУ со санкции против Русија, се приклучува и Северна Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На вонредниот Самит на Европската унија кој заврши нешто по полноќ беа утврдени санкции за Русија по воената офанзива врз Украина. Лидерите на Европската унија го утврдија пакетот санкции кои главно се насочени на пет сектори и тоа финансискиот, енергетскиот, транспортниот сектор, трговијата како и за политиките на визите. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека Путин ја врати војната во Европа а донесените санкции ги нарече најостри во историјата.


„Прво овој пакет вклучува финансиски санкции кои ги сече руските пристапи до најважните и најголеми пазари. Таргетираме 70 проценти од рускиот банкарски пазар, но и на клучни државни компании. Ние исто така го таргетираме руските елити со ограничување на нивните депозити, со што тие не ќе можат повеќе да ги кријат нивните пари во Европа“, рече Фон дер Лајен.

Сепак Украина е незадоволна во овој дел бидејќи европските лидери не најдоа за потребно да ги воведат и најштетните санкции за Русија, односно да биде исфрлена од меѓународниот платен систем наречен свифт. Во однос на другите санкции се воведува забрана за продажбата на авиони и опрема на руски авиокомпании. Потоа се ограничува и пристапот на Русија до клучните технологии, и како петти сектор од утврдените санкции се визите.


„Вториот столб што го таргетиравме е енергетскиот сектор, клучна економска област која особено и користи на руската држава. Нашата забрана за извоз ќе го погоди нафтениот сектор со тоа што ќе ја оневозможи Русија да ги надградува своите рафинерии. Дипломатите и деловните и бизнис луѓето повеќе нема да имаат привилегиран пристап до Европската унија“, вели Фон дер Лајен.


Вчера и македонската Влада објави дека се придружува кон санкциите од Европската унија кон Русија. Министерката за одбрана Славјанка Петровска за ТВ21 изјави дека тоа е начин со кој изразуваме несогласување на воената инвазија врз Украина од страна на Русија.


„Република Северна Македонија се приклучи кон нив затоа што сметаме дека тоа е израз на политичка волја на нашата држава со цел да укажеме несогласување со бруталното кршење на меѓународното право и човековите права на Република Украина но и на граѓаните на таа држава“ рече Петровска.


Попладнето заседаваше и вонредниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на Европската унија на која беа потврдени санкциите кон Русија.