Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент „згрозена“ од погребот на Младиќ, но воздржана за мерки против Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говорот за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент изјави дека била „згрозена од снимките“ од погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград, но не најави никакви казнени мерки против Србија.

„Глорификацијата на воените злосторници едноставно нема место во Европската Унија“, рече фон дер Лајен во годишниот говор за состојбата на Европската Унија. Таа се воздржа од директна критика на Србија, и покрај повиците од земјите членки за поостра реакција.

Младиќ почина во август додека отслужуваше доживотна затворска казна во Хаг за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина. Неговото тело беше пренесено во Белград со државен авион и пречекано од почесна гарда на српската војска. За погребот известуваше јавниот сервис РТС, беше одбележан и од Српската православна црква, а ковчегот беше завиткан со српско знаме.

Властите во Белград претходно негираа дека тој ќе има погреб со државни почести.

Снимките предизвикаа негодување низ Европа, при што хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја критикуваше воздржаната реакција на ЕУ.

Европската комисија предводена од фон дер Лајен настојуваше да ја унапреди кандидатурата на Србија за членство во ЕУ со отворање на преговорите за Кластер 3, кој се однесува на економскиот раст. Сепак, дел од земјите членки на ЕУ го блокираа потегот, повикувајќи се на постојаната загриженост поради назадувањето во демократијата – дури и откако Венецијанската комисија соопшти дека Белград ги спровел повеќето нејзини препораки за реформите во правосудството.

Дипломати за „Еуроњуз“ изјавиле дека погребот на Младиќ практично го ставил во мирување процесот на пристапување на Србија, при што еден од нив рекол дека „секој што дури и размислува за отворање на Кластер 3 ќе размисли двапати“.

Хенрик Дал, дански пратеник од Европската народна партија (ЕПП), вчера за „Еуроњуз“ изјави дека „Србија самата се стави на крајот од редот за членство во ЕУ затоа што му приреди државен погреб на воен злосторник“.

Неколку европратеници, исто така, ја доведоа во прашање припадноста на Српската напредна партија на српскиот претседател Александар Вучиќ кон ЕПП, политичкото семејство на десниот центар на кое му припаѓа и фон дер Лајен.

Претходно, комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, ја одложи планираната посета на Белград како реакција на погребот, што поттикна шпекулации дека фон дер Лајен би можела да најави слични последици. Таа во наредниот период треба да ги посети земјите кандидати од Западен Балкан, вклучително и Србија, но извршното тело на ЕУ сè уште не потврдило дали програмата за посетата е конечна.