Урсула фон дер Лајен од 30 септември до 2 октомври во посета на Западен Балкан – Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје се четирите станици на регионалната турнеја.
Европскиот пат, постепената интеграција и Планот за раст ќе бидат на масата на разговорите со лидерите на земјите од регионот, порача денеска портпаролката на Европската комисија. Србија и БиХ, пак, остануваат надвор од турнејата на фон дер Лајен поради изборите, но Брисел најавува дека посета на двете држави ќе има наредниот период.
– Како што изјави претседателката на Самитот ЕУ- Западен Балкан овој јуни, нашата Унија нема да биде целосна без Западен Балкан. Затоа, во своите разговори, таа ќе се фокусира на претстојните чекори на европскиот пат на нашите партнери и на тековниот напредок во постепената интеграција, поддржана од нашиот План за раст за Западен Балкан. За време на оваа посета, претседателката фон дер Лајен ќе ги посети Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје. Таму таа ќе се сретне со шефовите на држави и влади и ќе посети проекти финансирани од ЕУ, изјава Ариана Подеста, портпаролка на Европска Комисија.
Односите со Македонија стануваат се потешки и полоши, во Скопје нема искреност и потребен е консензус за ЕУ помеѓу главните политички партии , порача Илхан Ќучук европратеник и екс известувачот за Македонија во Европарламентот, во интервју за бугарски медиум.
– Односите со Република Северна Македонија стануваат сè потешки и сè полоши, бидејќи денес во Северна Македонија нема искреност. Каде сака да оди земјата? Ако идејата е да се оди во Европската Унија, двете главни политички партии мора да се договорат за ова прашање. И да го пронајдат овој јавен, политички, општествен консензус во нивната земја. А, ние го гледаме токму спротивното. Регресија и повлекување. Ова не е во ничиј интерес, не е во интерес на Бугарија. Бидејќи сакаме да се граничиме со земји што припаѓаат на нашиот вредносен систем, изјави Илхан Ќучук европратеник.
Во Софија денеска е заменик-министерот за надворешни работи Димитровски. На форумот „Европа се среќава со Балканот“ се обрати на бугарски и демантираше шпекулации за наводна владина инструкција македонските политичари да зборуваат на англиски во Бугарија.
– Можам да зборувам на мојот мајчин македонски јазик, можам и на бугарски кој го владеам, но важно е да се разбереме и важно е што ќе кажам. Македонија нема никаков проблем Бугарите да станат дел од Уставот. Напротив, подготвивме и акциски план за заштита на помалите етнички заедници, меѓу кои и Бугарите и подготвени сме да го имплементираме. Но очекуваме исто така од нашиот сосед да ги имплементира пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и да ги регистрира граѓанските здруженија на Македонците, изјави Зоран Димитровски, заменик МНР .
Вчера, еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарски медиум, и порача на македонската влада да го исполни договореното, а на бугарската влада пак – откако Македонија ќе ги исполни уставните измени, Бугарија да и даде поддршка на земјата за процесот да продолжи.
