Фон дер Лајен за уставните измени – „Искористете го моментот, станува збор за вашата иднина“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вие сте на вистинскиот пат и со нетрпение очекувам да ве видам во Европската Унија, со вашиот јазик и идентитет. Со овие зборови претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го започна својот говор по средбата со премиерот Ковачевски. Еврокомесарката апелираше до сите политички партии да ги поддржат уставните измени бидејќи, како што вели, секој носи одговорност за иднината на државата.

„Изборот е ваш. И затоа, вистина се надевам дека сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство“, вели Урсула фон дер Лајен.

Исто мислење има и премиерот на земјава, Димитар Ковачевски. Според него, не треба да се прават калкулации или политички рејтинзи со иднината на државата. Тој се надева дека Македонија ќе биде дел од ЕУ до 2030 година.

Иако клучот за уставните измени е во рацете на македонската опозиција, Фон дер Лајен во својата агенда не предвидела средба со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На прашањето зошто, таа рече дека каде и да патува, обично се среќава само со претседателот и премиерот на државата во која е во посета. Фон дер Лајен увери дека скринингот оди добро и дека се обидуваат да ги отворат преговорите за кластерот „Фундамент“ оваа година. Инаку, Фон Дер Лајен вчера се сретна со претседателот Пендаровски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.