Претставниците на Европскиот парламент денеска со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани гласаа за ново свикување на Европската комисија под раководство на Урсула фон дер Лајен, која е во втор мандат на оваа функција. Фон дер Лајен во својот говор пред гласањето зборуваше за приоритетите во работата на Комисијата во наредниот период, истакнувајќи ја безбедноста на континентот, декарбонизацијата и иновациите како три главни приоритети. Веднаш откако зборуваше за одбраната на европскиот континент, Фон дер Лајен го спомена и регионот на Западен Балкан, како дел од иднината на Европската унија, но и регион изложен на руски закани. Токму поради тоа, нагласи таа, посветеноста на Европа кон овие земји ќе биде уште посилна.
„На границите на Европа беснее војна. И ние мора да бидеме подготвени за она што ни претстои – да работиме рамо до рамо со НАТО. Знаеме дека треба да направиме многу повеќе заедно како Европејци. Само еден број. Русија троши до девет отсто од својот БДП за одбрана. Европа троши во просек 1,9 отсто. Нешто не е во ред со оваа равенка. Нашите трошоци за одбрана мора да се зголемат. Ни треба единствен пазар за одбрана. Мора да ја зајакнеме одбранбената индустриска база. Мора да ја подобриме нашата воена мобилност. И ни требаат заеднички европски одбранбени проекти. И затоа Андриус Кубилиус ќе биде првиот европски комесар за одбрана. Немаме време за губење. И ние мора да бидеме амбициозни колку и да се сериозни заканите. Затоа, во првите 100 дена ќе излеземе со Бела книга за иднината на европската одбрана. Можам да ве уверам дека безбедноста на Европа секогаш ќе биде приоритет на оваа Комисија“, нагласи Фон дер Лајен.