Фон дер Лајен: Затворањето на Ормускиот Теснец ја чинеше Европа 127 милијарди евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Затворањето на Ормускиот Теснец ѝ нанесе на Европа дополнителен трошок од 127 милијарди евра поради зголемените цени на фосилните горива, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Говорејќи на настан во Брисел, таа посочи дека наглиот раст на цените на нафтата и гасот, предизвикан од почетокот на војната со Иран, уште еднаш ја покажува потребата Европската Унија да ја намали зависноста од фосилните горива.

Пред американско-израелските напади врз Иран кон крајот на февруари, низ Ормускиот Теснец минувала приближно една петтина од светската поморска трговија со нафта и течен природен гас. По почетокот на конфликтот, Техеран практично го затвори овој стратешки поморски премин и започна напади врз енергетската инфраструктура во соседните земји.

„Од затворањето на Ормускиот Теснец, увезените фосилни горива ја чинат Европа дополнителни 127 милијарди евра, без да добиеме ниту една дополнителна молекула енергија. Значи, 127 милијарди евра само поради затворањето на овој теснец. Кога увезуваме нафта и гас, ризикуваме да ги увеземе и шоковите и кризите што доаѓаат со нив“, изјави фон дер Лајен.

Нејзината изјава доаѓа по американскиот напад врз иранскиот остров Кешм во понеделникот вечерта, кој се наоѓа во близина на Ормускиот Теснец. Вашингтон го опиша нападот како „одбранбена мерка“ за заштита на американските воени капацитети во регионот.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се заканија со обновување на нападите врз Иран по американските конгресни избори. Сепак, Трамп вчера негираше дека размислува за нов напад врз Техеран по изборите.

И американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се обиде да ги намали тензиите, изјавувајќи дека тој и Трамп имаат позитивни очекувања за можноста за постигнување договор преку преговори.

На предупредувањата на фон дер Лајен претходно се надоврза и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој посочи дека европските компании и потрошувачи платиле повеќе од 100 милијарди евра дополнително поради поскапувањето на енергенсите предизвикано од конфликтот.

„Затоа имаме и економски интерес овој конфликт да заврши што е можно побрзо“, изјави Мерц.

Цената на нафтата „Брент“, која служи како меѓународен репер, во вторникот напладне се движеше околу 106 долари за барел, што претставува дневен раст од приближно еден процент.