Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро реагираше по инцидентот во кој руски дрон удри во густо населена област во Романија, при што беа повредени цивили.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Фон дер Лајен оцени дека руската агресија „повторно преминала уште една линија“, нагласувајќи дека нападот се случил на територија на Европската Унија.
„Руски упад со дрон погоди густо населена област во Романија, при што беа повредени цивили. На територија на ЕУ“, напиша Фон дер Лајен.
Таа изрази целосна солидарност со Романија и нејзините граѓани, додавајќи дека Европската Унија ќе продолжи да ја зајакнува безбедноста и одбранбеното одвраќање, особено долж источната граница на Унијата.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија“, истакна претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен најави и подготовка на 21-от пакет санкции против Русија, како дел од напорите на ЕУ за одговор на руската воена агресија врз Украина.
