Врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело на четворица истакнати дејци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска во Кристалната сала на Собранието беа доделени државните награди „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката, културата и уметноста.

Во областа на науката, наградата им беше врачена на лингвистот проф. д-р Димитар Пандев, универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи и проф. д-р Владо Поповски, доктор на историско-политички и правни науки. Во областа на културата и уметноста, признанието му беше доделено на писателот и универзитетски професор Венко Андоновски.

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда, проф. д-р Светозар Антовиќ, истакна дека добитниците имаат различни животни патишта и професионални интереси, но ги обединува вербата во знаењето, културата и образованието како двигатели на општествениот напредок.

Тој нагласи дека нивните дела се доказ за вредноста на македонскиот дух и за значењето на посветената работа, истражувањето и творештвото. Според него, наградата не е само признание за постигнатото, туку и порака до младите дека трудот, знаењето и истрајноста се вредности што треба да се почитуваат.

Антовиќ посочи дека слободата се освојува со храброст, но се зачувува со мудрост, знаење, солидарност и одговорност. Тој додаде дека обврска на денешните генерации е да градат држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, уметниците ќе создаваат слободно, а различностите ќе претставуваат богатство, а не причина за поделби.

Во име на сите добитници, писателот Венко Андоновски се заблагодари за признанието, осврнувајќи се на човековиот стремеж кон успехот и значењето на патот што води до остварување на целите.

Андоновски истакна дека секој човек си поставува сопствени животни врвови кон кои се стреми, а вистинската смисла, како што рече, не е само во достигнувањето на целта, туку и во патот што се минува до неа. Тој посочи дека и највисоките признанија отвораат нови предизвици и лични достигнувања што допрва треба да се освојат.

Државната награда „11 Октомври“ претставува највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. За првпат беше доделена во 1995 година.