Лекот за пациентите со астма и хронична белодробна болест, формотерол, познат под трговското име „Фостер“, од овој месец може да се подигне без дополнителна доплата, со партиципација од 280 денари. Посетивме аптеки низ Скопје и проверивме дали навистина тоа е така.
– Треба да имате извештај од пулмолог. Со тој извештај се издава рецепт или носете копија од извештајот.
– Колку треба да плати за…?
– 280 (денари).
Од Министерството за здравство соопштија дека биле известени од компанијата – носител на одобрението за ставање во промет на лекот „Фостер“, кој се наоѓа на Позитивната листа на лекови – дека се направени измени во интерес на пациентите кои го користат овој лек.
„Почнувајќи од овој месец, осигурените лица повторно ќе можат да го добијат лекот во аптеките без дополнителна доплата, плаќајќи само партиципација утврдена со закон за услугата издавање лек на рецепт. Истото важи и за другите лекови кои ги содржат истите активни состојки и се користат во третманот на хроничната опструктивна белодробна болест.“, велат од МЗ
За ова, пред еден месец, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување и сегашен министер Сашо Клековски објасни дека не сите аптеки го имаат лекот со трговското име „Фостер“, бидејќи малите аптеки не можат да држат скапи лекови, туку треба да се оди во аптеките што издаваат лекови на рецепт. Освен тоа, тој посочи дека имало и поплаки од пациенти против пет аптеки во Битола, две аптеки во Скопје и еден матичен лекар кој не сакал да го прифати извештајот од специјалистот.
