Фотева: Случаите со остеопороза растат поради стареењето на населението

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на случаи со остеопороза е во пораст на глобално ниво, главно поради продолжувањето на животниот век и зголемувањето на возрасната популација, изјави Марта Фотева од Универзитетска клиника за ортопедски болести.

Според неа, со стареењето коските стануваат послаби, што придонесува за пораст на оваа болест, која сè почесто се јавува кај повозрасните лица.

Фотева посочи дека грижата за коскеното здравје започнува уште пред раѓањето, односно во текот на бременоста, а превенцијата треба да продолжи од најраната возраст.

„Од првиот ден по раѓањето на бебето важно е да се внесува витамин Д, да има движење, физичка активност и правилна исхрана. Иако имаме многу сончеви денови, во летниот период најчесто се криеме од Сонцето, па тоа не придонесува доволно за создавање витамин Д“, истакна Фотева.

Таа додаде дека кај возрасната популација често се препорачува дополнителен внес на витамин Д и калциум за одржување на коскеното здравје.

Изјавата беше дадена по промоцијата на нов апарат за дензитометрија, кој е ставен во функција во здравствената установа Ортопедска клиника „Мајчин дом“.