Припадници на Армијата на Македонија, како дел од мисијата ЕУФОР во Босна и Херцеговина, учествуваа во спасувачка акција при сообраќајна несреќа во близина на Тузла.
Според информациите, инцидентот се случил вчера, 7 мај, околу 14 часот, кога патрола на ЕУФОР составена од војници од армиите на Турција и Македонија забележала возило „Фолксваген Голф 5“ кое изгубило контрола на магистралниот пат кај Тузла, меѓу 24-тиот и 25-тиот километар.
Автомобилот излетал од коловозот, удрил во дрвја покрај канал и останал заглавен во искосена положба, додека двајцата патници – маж и жена – биле делумно потопени во водата.
По забележувањето на несреќата, војниците веднаш реагирале и им притрчале на помош на патниците, кои се обидувале да излезат од возилото поради страв дека автомобилот може дополнително да потоне или да се преврти. Во спасувањето помогнале и цивили кои се затекнале на местото.
Поради сомнежи за повреди кај жената, особено можни скршеници, спасувачкиот тим интервенирал внимателно. Со помош на скали, кои биле искористени како импровизирани носила, жената била безбедно извлечена од каналот за да се избегнат дополнителни повреди.
Од ЕУФОР посочуваат дека остануваат посветени на безбедноста на сите учесници во сообраќајот во БиХ и им оддаваат признание на припадниците кои покажале брза реакција и ефикасна тимска работа во акцијата за спасување животи.
