Париз и Берлин подготвија заеднички нон-пејпер со кој бараат нова динамика во процесот на проширување на Европската Унија. Документот предвидува постепено отворање на привилегиите за земјите кандидати – од пристап до единствениот пазар и европските програми до учество во институциите на ЕУ како набљудувачи – уште пред полноправното членство.
Во пресрет на Самитот ЕУ–Западен Балкан што утре ќе се одржи во Тиват, Франција и Германија ја ставија на маса иницијативата „Нов моментум за проширувањето“, чија цел е да го забрза и поедностави пристапниот процес за земјите кандидати.
Нон-пејперот, во кој увид имаше „360 степени“, претставува разработка на неодамнешната иницијатива на германскиот канцелар Фридрих Мерц и доаѓа во време кога расте незадоволството од бавниот напредок на проширувањето, особено во земјите од Западен Балкан.
Во документот се оценува дека политиката на проширување останува едно од најсилните политички средства на Европската Унија, но дека е потребен нов пристап кој ќе овозможи побрз и поопиплив напредок за кандидатите.
„Нашата намера не е ниту да го замени полноправното членство, ниту да го продолжи патот до него, туку токму спротивното – да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат“, се наведува во документот.
Постепена интеграција наместо чекање без награда
Клучната новина е концептот на таканаречени „градивни елементи“ (building blocks), преку кои земјите кандидати би добивале конкретни придобивки во зависност од реформскиот напредок што го постигнуваат.
Предлогот предвидува постепено вклучување во европските политики и институции, почнувајќи од почести состаноци со европските институции и парламентарни тела, па сè до учество како набљудувачи на состаноците на Советот на ЕУ и Европскиот совет.
Дополнително, кандидатите би можеле да добијат пристап до клучни европски програми како што се Erasmus+, Horizon Europe, Creative Europe и Digital Europe.
Посебен акцент е ставен на постепената интеграција во единствениот европски пазар преку приклучување кон системите за плаќања, енергетскиот пазар, дигиталниот пазар, транспортната мрежа и други економски механизми на Унијата.
Единствениот пазар како најголема награда
Најамбициозниот дел од предлогот предвидува целосен пристап до единствениот европски пазар уште пред формалното членство, по моделот „Европска економска област плус“ (EEA+).
Според француско-германската иницијатива, ова би било можно откако кандидатите ќе ги затворат клучните преговарачки кластери и ќе го усвојат најголемиот дел од европското законодавство.
Истовремено, документот предлага и поедноставување на преговарачката методологија, со намалување на бирократските процедури и фокусирање на суштинските реформи наместо на формалните чекори.
Одговор на фрустрациите во Западен Балкан
Предлогот доаѓа во период кога земјите од Западен Балкан сè почесто изразуваат незадоволство од темпото на проширувањето. Особено е нагласено чувството дека процесот е заглавен, додека Украина и Молдавија добиваат забрзан третман поради актуелните геополитички околности.
Македонија повеќе од две децении е кандидат за членство, но сè уште не ги започнала суштинските преговори поради спорот со Бугарија. Во меѓувреме, Црна Гора е најнапредната земја кандидат, додека Албанија веќе ги отвори сите преговарачки поглавја и има амбиција да стане членка до 2030 година.
Франција и Германија сметаат дека постепената интеграција може да биде решение што ќе ја одржи мотивацијата кај кандидатите и ќе спречи дополнително разочарување од долгите и неизвесни пристапни процеси.
Според документот, проширувањето останува стратешка цел на Унијата, а новиот модел треба да обезбеди земјите кандидати да чувствуваат конкретни придобивки уште пред официјалното членство, без притоа да се менува крајната цел – полноправно приклучување кон Европската Унија.
