Претставници на новинарите во Франција различно реагираат на предлогот на Министерството за култура дека еден од условите под кои медиумите можат да добијат државна помош е присуството на барем еден професионален новинар во сите редакции.
Досега за добивање субвенции не било потребно медиумите да имаат редовно вработени професионални новинари во редакциите.
Меѓутоа, како што се појавуваат нови економски модели на медиуми и бидејќи „дигиталната технологија го замаглува статусот на информациите“, како што се наведува во соопштението на Министерството, Владата размислува за измени во условите за добивање помош.
Генералната секретарка на Националното здружение на новинари, Доминик Прадали изјави дека таквиот услов е „смешен“ и не значи ништо.
Од друга страна, пак, потпретседателката на Здружението на новинари фриленсери, Сандрин Шеснел го поздрави предлогот како „интересен прв чекор“, но со претпазливост при примена на тие мерки.
Шеснел се надева дека тој услов би можел да почне да се применува по потпишувањето на Колективниот договор за новинари, чија цел е заштита на условите под кои се извршува таа професија и регулирање на платите и додатоците.
