Франција се подготвува за нов бран протести, можни нарушувања во сообраќајот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Франција се подготвува за нов бран масовни протести и можен генерален штрајк, откако синдикатите повторно ги повикаа работниците да излезат на улиците со барања за повисоки плати и против намалувањето на социјалните расходи. Властите очекуваат неколку стотици илјади демонстранти, а безбедносните служби најавуваат засилено полициско присуство.

Мерките за безбедност се засилуваат со цел да се избегнат нови насилства, какви што имаше за време на претходните демонстрации во средината на октомври.

Се очекува повикот за штрајк да го поддржат и вработените во јавниот сектор, но сè уште не е познато во колкава мера ќе бидат погодени јавниот превоз и патувањата низ земјата.

Националниот железнички оператор „Си-Ен-Ес-Еф“ засега очекува само помали нарушувања во меѓуградскиот железнички сообраќај. Неизвесно е и дали евентуалниот штрајк на контролорите на летање ќе предизвика поголеми проблеми во авиосообраќајот. Париското метро, според најавите, треба да функционира според редовниот возен ред.

Поддршка за протестите дадоа и движењето „Жолти елеци“, како и ученичките и студентските организации. Тие во изминатите три саботи организираа демонстрации против високите трошоци за живот и со барања за подобрување на образовниот систем.

Во меѓувреме, француската Влада се обидува да најде компромис со синдикатите и демонстрантите. Министерот за економија Ролан Лескјур изјави дека се разгледува можноста за дополнително зголемување на минималната плата, надвор од веќе најавеното покачување во јануари 2027 година.

„Минималната плата опфаќа две прашања: висината и времето на зголемувањето. Во наредните денови ќе можеме да соопштиме нешто“, изјави Лескјур.