По викендот обележан со судири со полицијата, пожари и ограбени продавници, француските власти најавуваат построги безбедносни мерки за спречување на нови немири. Премиерот Себастијан Лекорни соопшти дека им наложил на префектите да воведат локални ограничувања на движењето, кои треба да стапат во сила од вечерва, со цел да се заштитат граѓаните и имотот.
Полицискиот час нема да важи на целата територија на Франција, туку ќе биде ограничен на одредени подрачја, особено во градските центри каде што викендов биле регистрирани најсериозни инциденти. Конкретните локации ќе бидат утврдени во координација со локалните власти.
Лекорни не ја исклучи можноста за прогласување вонредна состојба, но оцени дека во моментов локализираните ограничувања се посоодветни за воспоставување ред и спречување нови судири.
Според податоците наведени во доставениот извештај, за време на протестите на 17 и 18 октомври биле уапсени околу 2.400 лица, а речиси 1.000 припадници на безбедносните сили биле повредени. Оштетени или ограбени биле приближно 3.000 продавници. За време на протестите починал и еден демонстрант по срцев удар.
Во градот Денен, на северот на земјата, веќе е воведен полициски час од 21 до 6 часот наутро, кој ќе важи до 25 октомври. Ограничувањето се однесува на малолетни и полнолетни лица, со исклучоци за одење на работа и итни случаи. Во Марсеј, пак, властите привремено забранија јавни собири и демонстрации.
Немирите предизвикаа и политички последици. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез понудил оставка, преземајќи одговорност за пропустите во безбедносниот систем, но претседателот Емануел Макрон не ја прифатил. Макрон побара да се утврди зошто безбедносните служби не успеале навреме да го предвидат и спречат насилството.
Владата најави и економска помош за трговците и компаниите што претрпеле штети за време на немирите.
Дополнителен притисок врз француските власти создаваат најавите на движењето „Жолти елеци“ за нови мобилизации на 24 и 31 октомври. Властите стравуваат дека новите протести би можеле повторно да доведат до нарушување на јавниот ред и безбедноста.
