Професорот Љубомир Фрчкоски е предложен од Министерството за надворешни работи да биде амбасадор на Македонија во Обединетите нации во Њујорк. Ова го потврди спикерот Талат Џафери, но не знае кога ќе биде свикана собраниската Комисија за надворешни работи за Фрчкоски да ги презентира тезите за неговата работа како амбасадор. Тоа е во надлежност на претседателот на Комисијата, седницата за претходните амбасадори заврши во петок, иако предлозите за нив беа доставени во април, рече Џафери
„До мене е доставен материјал од Министерството за надворешни работи, доставени се тезите на дотичното лице се работи за професорот Љубомир Фрчковски, тој е предложен кандидат. Во процедура соодветна министерството ги достави тезите на кандидатот истите веднаш се доставени до претседателот на Комисијата за надворешни работи но досега не е свикана седницата.“, рече Џафери.
Во врска со доставеното барање за свикување Анкетна комисија за пожарот во модуларната болница во Тетово доставена од ВМРО-ДПМНЕ Џафери вели дека е многу рано доставена.
„Такво барање според мене и според процедурите е преурането, затоа што Анкетна комисија не може да разгледа прашања кое што се во надлежност на истражни органи и судски органи. Истрагата трае тоа е надлежност на обвинителството и другите органи кои што учествуваат таму. Како резултат на таа истрага треба да постапат судските органи, откако ќе има заклучок од тие институции по односното прашање тогаш може да се вклучи Собранието преку Анкетна комисија да ги потврди или да ги отфрли наодите.“, изјави Џафери.
Џафери оцени дека собраниските комисии не работат според потребната динамика и затоа голем број закони не можат да се најдат на усвојување во Собранието. Во врска со интерпелациите поднесени од опозицијата рече дека тие не се ставени на расправа поради тоа што или предлагачот не е на седница или оној кому му е наменета интерпелацијата не можел да дојде. Поради тоа, како што вели, затоа се одложуваат. За интерпелацијата за него, смета дека не е поднесена.
„Не ги свикуваат на време комисиите онака како што е пропишано со Деловникот. Прашањето е дали е тоа нивна лична одлука или е одлука на партиски органи за такво постапување. Според Деловникот мојата интерпелација не е поднесена. Затоа што во моментот кога беше поднесена била вратена до подносителите поради неуредност. Според Деловникот во рок од 15 дена требало да се доуреди интерпелацијата и доколку во рок од 15 дена се вратеше назад ќе влезеше во собраниска постапка.“, вели Џафери.
Во однос на неодамнешната најава на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски дека доколку пописот не се спроведе во дадениот рок ќе бара од Собранието да се пролонгира, Џафери рече дека доколку постои консензус на сите политички партии нема пречка Собранието да се свика на итна седница и да се усвои продолжување на рокот на пописот.
