Дипломатската мисија на Македонија во Обединетите нации во Њујорк го обвини Министерството за надворешни работи за креирање „валкани конструкции“. Причина се написите дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски злоупотребил финансиски средства, а медиумите се повикуваа на извори во МНР.
„Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од Мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.“, велат од Мисијата во ООН.
Фрчкоски беше отповикан на консултации во земјава, но тој најави целосно повлекување. Од Мисијата додаваат дека однесувањето на МНР е за секаква осуда.
„Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува.“, стои во соопштението.
Оттаму побараа МНР да направи целосна ревизија на работењето, но засега од Министерството нема одговор како ќе постапат, но и дали имаат предлог за наследник на Фрчкоски во Њујорк. Неофицијално, се уште е рано за случајот да се формира Комисија. Во меѓувреме, од Дипломатскиот синдикат остануваат на ставот дека во дипломатијата се случуваат флагрантни кршења на Законот, кои претходното раководство во МНР ги игнорирало.
„МДС го охрабрува министерот Муцунски и во претстојниот период неселективно да продолжи со анализа на работата на највисоките државни претставници во дипломатијата и секаде каде што постојат индиции или се утврди прекршување на Законот, соодветно да се постапува.“, изјавуваат од Дипломатскиот синдикат.
Претходно беше објавено дека Фрчкоски е повикан дома поради конзистентно непостапување по насоките кои во изминатиот период ги добивал од Министерството, финансиска недисциплина – затајување на материјални средства од сукцесија на објекти, како и трошење финансии спротивно на правилниците за работа на дипломатско конзуларните – претставништва“.
