После победата над Косово, и пласман во финалето во Лигата на Нации, во истото натпреварување, но во новото издание македонската фудбалска репрезентација вечерва од 18 часот ќе игра против Естонија.
Во новото издание на Лигата на Нации Македонија во моментов има четири бода, по победата над Ерменија на домашен терен, и „ремито“ на гостински терен кај Грузија.
Со триумф македонскиот национален тим ќе се зацврсти на првата позиција, пред важната пресметка со Грузија на домашен терен во среда, што може да биде директен дуел за првото место.
Селекторот Игор Ангеловски на овој меч нема да смета на Висар Муслиу, Кристијан Тошевски и Егзон Бејутлаи кои поради повреда не отпатуваа во Талин. Вчера одвоено тренираше Стефан Ристовски, поради повреда на прстот, но се очекува тој да биде подготвен за настап.
Селекторот вчера одржа и прес-конференција во Талин.
„Славењето по победата против Косово заврши. Не чека сега дуел со Естонија, нов, важен натпревар. Впрочем секој меч на националниот тим е важен. Ние сакаме да победиме и тука, и ќе одиме на триумф. Иако ќе настапиме без неколку играчи, сепак, верувам дека оние кои ќе истрчаат на теренот ќе го дадат максимумот уште еднаш да ја израдуваат Македонија“, рече Ангеловски.
